За нас:

Електротехничкиот отсек при Технички факултет Битола (ТФБ) скоро 6 децении ја негува областа на електротехниката како научна дисциплина и тоа од едукативен, научен и апликативен карактер. Посебен акцент е ставен на делот од електротехниката кој се нарекува електроенергетика. Како наставно научна дисциплина електроенергетиката ги истражува, изучува и унапредува ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКИТЕ СИСТЕМИ (ЕЕС) како најсложени техничко технолошки системи во историјата на човештвото. ЕЕС претставува сложена техничко-технолошка целина која ги опфаќа системите за производство, пренос, дистрибуција, снабдување и користење на електричната енергија. Исто така многу значајни компоненти на ЕЕС се системите за автоматско управување со системот, мерно аквизициските системи, енергетската електроника и телекомуникациите. Најголем предизвик пред ЕЕС е зголемената интеграција на ОБНОВЛИВИТЕ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА.

Затоа најновата студиска програма го носи името ЕЛЕКТРОЕНЕРГЕТСКИ СИСТЕМИ И ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА. Интеграцијата на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во ЕЕС е еден од најголемите техничко економски предизвици со кои се соочуваат инженерите кои се занимаваат со планирање, управување и експлоатација на ЕЕС. Затоа концептот на оваа студиска програма е направен така што ќе ги опфати техниките на проектирање, анализа, планирање, управување и експлоатавција на ЕЕС во услови на значително зголемено присуство на ОИЕ. Согласно ова и произлегува и оправданоста на називот на студиската програма ЕЕС и ОИЕ. Во прилог на оправданоста оди и фактот што југозападниот регион на Република С. Македонија (посебно регионот на Битола) има најголем инсталиран капацитет на фотоволтаични електрични централи, мали хидро електрични централи и електрични централи на биомаса. Ова ја наметнува потребата од едуцирање на млади инженери кои ќе бидат обучени во делот на ЕЕС и ОИЕ.

Моментално на електротехничкиот отсек постојат академските читиригодишни студии од I циклус Eлектроенергетски системи и обновливи извори на енергија, 2021 и студиите на II циклус Електротехника со два модули: Електроенергетски системи и Системи за мерње и управување.

Наставата ја покриваат наставен кадар составен од 6 редовни професори, 5 вонредни професори и 2 демонстратори кои припаѓаат на електротехничкиот отсек на ТФБ, како и други професори од другите отсеци на ТФБ кои се ангажирани во наставата на електротехничкиот отсек.

Студентите кои студираат на ЕЕС на ТФБ конкурираат за 10 стипендии од електроенергетските компании МЕПСО, АД ЕСМ и ЕВН Македонија, кои изнесуваат 8000 денари месечно за 10 месеци во годината. MAKO-CIGRE доделува на најдобро запишаниот студент на ЕЕС на ТФБ една уписнина од 12000 денари. Овие факти зборуваат сами за себе за квалитетот на инженерите кои се едуцираат на насоката ЕЕС на ТФБ.