Методија Атанасовски е роден на 26.10.1977 година во Битола. Дипломирал во 2001 година на насоката Електроенергетика на Електротехничкиот факултет – Скопје (денес Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј –Скопје со просек 9.19. По дипломирањето во периодот 2001-2002 година работел во ЕМО Институт ДООЕЛ во бирото за проектирање на електроенергетски водови како проектант соработник. На постдипломски студии на ФЕИТ се запишува во 2002 година на насоката Преносни и дистрибутивни системи и магистрирал со просек 10.00 во 2005 година. Во 2003 година е избран за помлад асистент на Техничкиот факултет – Битола при Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола. По магистрирањето во 2006 е избран за асистент. Во 2011 година на ФЕИТ ја одбранил докторската дисертација со наслов “Нови методи за распределба на загубите во дистрибутивни мрежи со дисперзирано производство на електрична енергија”, на Институтот за преносни ЕЕС, под менторство на проф. д-р Рубин Талески. Во 2012 година е избран за доцент, во 2017 година за вонреден професор, и во 2022 година за редовен професор на Техничкиот факултет Битола на областа Електроенергетски мрежи и системи, каде и денес работи.
Автор е на повеќе научни и стручни трудови во меѓународни часописи со фактор на влијание и меѓународни конференции од кои два научни труда во еминентното списание IEEE Transactions on Power Systems издание на IEEE. Изработил низа на апликативни проекти посебно од областа на надземните електроенергетски водови, автор е на неколку студии за АД МЕПСО и низа на експертизи и технички извештаи за АД ЕСМ и ЕВН Македонија. Учесник е во проектот H2020 TRINITY (GA No. 863874 http://trinityh2020.eu), како раководител на тимот на Технички факултет – Битола.
Член е на националниот комитет на Северна Македонија во СИГРЕ (МАКО СИГРЕ) од 2004 година, а моментално ја извршува функцијата генерален секретар на здружението. Член е на IEEE (PES) од 2012 година и на Комората на овластени архитекти и инженери од 2009 година со овластување за проектирање и ревизија за област електротехника. Во однос на странските јазици активно го зборува англискиот јазик и има скромно познавање на италијанскиот јазик.
Цитираност:
o Google Scholar
- Анализа на електроенергетски системи
- Специјали софтверски пакети во електроенергетиката
- Релејна заштита
- Проектирање на електроенергетски водови
- Дистрибутивни системи
- Пазари на електрична енергија