Проф.д-р Јасмина Буневска-Талевска е родена во 1978 година во Битола, Р. Македонија. Се здобива со титулите дипл.сообраќаен инженер (декември 2001), магистер по сообраќајни науки (декември 2006) и доктор на технички науки (јуни 2012) на Техничкиот факултет во Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола.
На Техничкиот факултет работи како помлад асистент во периодот 2002–2003 и како асистент во периодот 2003–2012 година. Во 2012 година е избрана во доцент, во 2017 година во вонреден професор и во 2022 година во редовен професор на Универзитетот “Св. Климент Охридски” Битола. Од нејзиното вработување до денес, таа е активно вклучена во целокупната дејност на отсекот за сообраќај и транспорт при Техничкиот факултет Битола како во наставната, така и во научно-истражувачката и апликативна дејност.
Во доменот на научно-истражувачката работа нејзиното внимание е насочено најмногу кон истражувањата од областите на сообраќајното инженерство и проектирање, безбедност на патиштата и урбана мобилност и логистика. Покажала богата научно-истражувачка дејност, стекнувала искуство низ учества во домашни и меѓународни стручни комисии и тела и со работа на научни и стручни проектни апликации и студии. Се претставила на впечатлив број конгреси, конференции и собири, и е автор на неколку учебни помагала, прирачници, авторизирани предавања, интервјуа и гостувања на радио и телевизија. Во изминатите години била автор или коавтор на повеќе од 80 научни и стручни трудови објавени во меѓународни списанија и зборници на трудови. Автор е на следните публикации: учебно помагало „Урбана логистика“, прирачник „Стратегија за развој на сообраќајот и мобилноста во градовите“ и „Прирачник по планирање и управување на товарниот транспорт“.
Редовен проф.д-р Јасмина Буневска-Талевска остварила постдокторско усовршување на европските студии за безбедност во сообраќајот. Носител е на стипендии за професионално усовршување, ERASMUS + мобилност и CEEPUS мобилност. Била ментор на интердисциплинарна група на студенти по инженерство за учество на меѓународен натпревар на највисоко рангираниот Универзитет Богазичи во Турција во 2022 година.
Професор д-р Јасмина Буневска-Талевска е наградувана повеќекратно и тоа со прва награда од Европската комисија за мобилност и транспорт во Брисел во 2018 година, одликувана е со стаклена плакета и почесна титула амбасадор на културата во сообраќајот од унгарската академија за транспортни науки во 2019 година и добитник е на наградата 4-ти Ноември – највисоко признание на Општина Битола за постигнувања од областа образование и техничка култура за 2019 година.
Таа има импресивни наставни, но и воннаставни активности на факултетско и универзитетско ниво. Впечативи се нејзините воннаставни активности со студентите, посебно организацијата на факултетската и универзитетска студентска конференција за првпат на УКЛО. Посебно се истакнува нејзината неуморна желба за мотивација и вклучување на студентите во низа општествени активности, во студентски емисии на универзитетското радио УКЛО-ФМ и пошироко.
Во периодот од октомври 2018 – 2022 година ја извршувала функцијата раководител на втор циклус студии на Отсекот за сообраќај и транспорт при Технички факултет Битола, а во периодот 2020 – 2022 година била член на Универзитетскиот Сенат на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битол.
Од 17 Октомври 2022 година проф.д-р Јасмина Буневска-Талевска ја извршува функцијата ПРОРЕКТОР ЗА СТУДЕНТСКИ РАБОТИ на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
- Вовед во теоријата на сообраќајните текови
- Планирање и управување на товарниот транспорт
- Основи на транспортната логистика
- Основи на вреднување на патната мрежа
- Софтверски пакети во теорија на сообраќајни токови
- Урбана логистика
- Урбанизам и сообраќај
- Дизајн на улична инфраструктура